Последниот Воз - Најбрзиот Воз


Македонскиот модернизам стигнал со последниот воз, со најбрзиот воз, возот бил толку брз што направил една рута на квантен скок, која започнала од неуспешното создавање на држава, некодификацијата на македонскиот јазик во 19 век, преку „Скрб и утеха“ и „За Македонците работи“ со кратка пауза кај месноста Ристо Крле на улица „Парите се отепувачка“, двете светски војни ги минал низ тунел и стигнал до станицата „кодификација на македонскиот литературен јазик“ на перон „ 1945 година“, точно навреме за повоеното југословенско распрснување на патниците на македонското литературното творештво.

Кој како се снашол. Каде стигнал. Најважно е дека сите патници го носеле со себе својот куфер творештва, своите инспирации, трикови и таленти. Без разлика дали некој излегол од вагонот на едната вистина - реализмот (Славко Јаневски) или се возел во модернизмот или следниот вагон на пост модернизмот. И штотуку модернизмот се отворил, Ѓорѓи Абаџиев излетал со неговиот психолошки реализам свиткан во „Пустина“.

Стигнаа и нашите патници: Димитар Солев и Бранко Варошлија. И двајцата не биле многу силни „физички“, можеби немало кој да ги брани па не го добиле заслуженото место, на нивните куфери немало ознака „задолжителна лектира“. Сепак, иако потценети и двајцата биле генијални. Нивните куфери, можеби немале светкава етикета на претеран успех но носеле олово, не отровно олово туку заразно олово. Многу од тоа што го знаеле и двајцата го научиле го од дедо Фројд. Им изгледале чудно на критичарите, кои не биле свесни за тежината на куферот на „Кратката пролет на Моно Самоников“ и „Последниот лет на птицата селица“, и двете фројдовски инспирирани. Но сепак, критичарите не останале рамнодушни. Особено, слабите оценки за  „Последниот лет на птицата селица“ иако не се неосновани размислувања (според некои критичари: современата еротска опседнатост на младиот човек; е мотив на делото), нив не треба да ги прифаќаме ниту како точни поради веќе вградените одговори во подтекстуалното. Се прашувам, поради кои причини, тие што дале добри критики на Варошлија биле и под притисок на околната критичарска јавност се мислеле дали и што да мислат за „Последниот лет на птицата селица“ дали да се протне романот како роман и дали да се каже дека е модерен. Сепак имало и храбри.

Во погледот на техничките карактеристики на „Последниот лет на птицата селица“ можеме да кажеме дека, нарацијата се одвива преку главниот лик на Мате, надворешните настани се видени низ неговите очи и се обоени од неговата психа. Овие се вообичаени особености на модернистичкото творештво. На моменти во романот, читателот може да изгуби осет дали нешто навистина се случило или е тоа само во мислите на главниот јунак.

Со самото тоа што ќе се обидам да сложам барем мал дел од сложувалката на потсвесното, си мислам колку би било добро кога би го имал читано Фројд. Ама затоа постои Универзитетска Библиотека и Гугал па и јас како бебе – гугалче несмасно ќе пробам да сложам некоја коцка, барем додека не почнам да го читам Фројд.

Од овој човек.
Па така јас ја наоѓам првата коцка од сложувалката на потсвесното кај птицата која Мате ја носи во кафез, покриена од очите на светот во темнина. Стратегија за ловење на потполошки за која биле предвидени високи казни. Птицата го претставува Мате, кој е фудбалер во неговите најдобри години. Иако е врвен спортист, Мате се чувствува заробен од обврските како фудбалер од строгиот тренер кој им забранувал на фудбалерите да остануваат до доцна, да излегуваат, да пијат и да имаат девојки. Тука ја гледам поврзаноста на птицата во кафезот и Мате. Што би правела птица ако не е во кафезот. Ако ѝ е ладно. Особено ако се заљуби. Па така, Мате се вљубува во Биса и бега, се откажува од својата фудбалска кариера што всушност претставува бегање од кафезот. Сега забранетото овошје му е во рацете, сега веќе не му е забрането да води љубов, ниту пак да пие. Сега, тој веќе не е во кафезот и е слободен, може да прави што сака. На патувањето со Биса, тој ќе го открие еротското. Имено во текстот сето тоа изгледа многу апсурдно и нездраво. Тие ќе отидат во манастир и таму ќе водат љубов, од сите места на светот во манастирот ќе одберат да го направат неприфатливото. Тука се споменува и една душевно поболена баба која била затворена во некои ќелии во манастирот. Да биде апсурдот поголем, лекарите тврделе дека тоа бил лекот за душевно болните – да бидат затворени во ќелија. Таа вечер ќе биде симбол за ризичната авантура и за светоста на нивната љубов.

И летаат птиците на југ. Југот е симбол на егзотичното, на потентната сензуалност на црномурестите. Според фројдовските толкувања, црното е симбол на непознатото. Црното во Последниот лет на птицата селица е претставено со Циганите. Циганите се фигура на слободата и на преселбата. Една вечер Мете се опива и излегува на своевиден дуел со еден силен Циган кој сакал да спие со Биса.„Дури тогаш забележа дека Циганот ја мери Биса и дека погледот особено му се впива во нејзините голи бедра“ (54). Тука, Циганот, е претстава за насобраната еротска желба во Мате. Испровоциран, од  тој се качува на грбот на разбеснета мечка само за да докаже дека е маж, односно дека е способен да ја одбрани Биса а тоа го прави како да е од циганската сорта, во чија што култура е нормално да  се позајмува туѓа жена. Мате потсвесно го впива искуството, и како да е пренесен сексуалниот безобзир, културната рамка е тргната настрана, тој станува само една птица од сортата на циганите. Границата до неговите нагони станува мала. Тој е слободен, сексуалното во него е на целосна слобода без никакви окови.

Кога се врќа назад во градот, тој се жени со Биса и има дете со неа. Се вработува како спортски новинар. Тука, назад во нормалниот живот, тој повторно почнува да го чувствува нападот на сексуалниот нагон, кој иако потиснат некогаш го задоволувал со повремени средби со некои љубовници во позајмени станови. Редовно го посетувал лозјето на татко му како што правел мал. Можеби сакал да се чувствува како што се чувствувал како дете: безгрижно и слободно.

Како и да е, опкружен со неговото плодоносно лозје, од кое никогаш не стигал да продаде нешто бидејќи целото го правел вино и го пиел самиот, ја догледува жената на неговиот сосед – Јаловакот. Таа е опишана како жена со големи гради, што нормално го буди сексуалниот нагон кај мажот. Во наредниот период, тој постојано оди на лозјето некогаш дури таму и преспива само за да ја види жената. Мате едноставно гори од сексуална желба да ја има таа жена. Како да му останал врежан еден дел во неговото размислување, дека може да се позајмува туѓата жена. Тој тоа го засведочи на средбата со циганот. Јаловиот маж е намерно поставен во опкружување на плодните лозја, тој не е плоден и изгледа неспособен да ја одбрани сопствената жена, која е многу привлечна.

 Како целиот створен амбиент да е стапица, иста таква стапица што употребувале и неговите за ловење на потполошки. Овој пат, жената е потполошката која е поставена како стапица. Таа е затворена со ограденото лозје, никаде не оди сама. Поврзаноста на жената и птицата селица што Мате ја држи до своите гради е јасна. Жената му го освоила срцето. Откако ќе дојде до долго посакуваната средба со жената во еден врнежлив ден, тој сфаќа дека сам се фатил во примката. Жената останува трудна а нејзиниот маж е неплоден. Ова доведува до непријателство меѓу Јаловакот и Мате. Како што се споменува на почетокот на романот дека, казната за ловење на потполошки на овој начин е строга.

 На крајот доаѓа до средбата меѓу двајцата непријатели. Мате не верува дека Јаловакот е способен да направи било што и дрско го провоцира. Овој го извадил својот нож и до смрт го избодува Мате. Во романот се вели „Човекот како да притискаше во неговите гради како да беа мермерни“, „Го виде срцето на младичот како целото крваво лета преку модрогримазната приквечерина преку голината и како паѓа пред прагот на камената куќа. Тоа птицата од пазувата на Мате, го направи својот последен лет и, пресечена од студениот воздух, падна до самиот праг на куќата зад која стоеше жената со раце на стомакот, загледана во голината по која како споулавен трчаше човекот.“ (92-93) Резултатот од, кратката авантура на Мате завршува, со распинање на неговите гради и последниот лет на птицата селица на слобода, односно неговото срце. 

Посветено на овој човек.
Тука се поставува прашањето „зошто“, во време на исполнетост и на конечно пронајдената среќа со Биса и нивниот љубовен плод – нивното дете, зошто баш тогаш ја бара бељата со жената на Јатакот? Тоа е затоа што начинот на градењето на овој модернистички роман е заснован врз експлицитната апсурдност на однесувањето на главниот лик. Во тоа избегнување на давање на одговор на прашањето „зошто“ е убавината на романот.  Постапките на Мате не се мотивирани од некои длабоки психолошки мотиви. Но тоа не значи дека нема никаква мотивација за неговите постапки. Туку, баш спротивното. Мотивација има. Приказната за потполошките ни кажува зошто Мате постапил на одреден начин, а сето тоа е вметнато во подтекстот. Според тоа можеме да кажеме дека оваа дело не може да биде по модернистичко, за разлика од „Кратката пролет на Моно Самоников“  кое е поблиску до реализмот.

Иако оваа дело останало во сенката на другите автори од овој период тоа е направено по примерот на светските модернистички стандарди, од типот на „Странецот“ од Албер Ками. Тоа е така поради исполнетоста со апсурдности за кој одговор може да најде само тој што знае каде да бара. А, според Фројд, апсурдот се бара под алуминиумската фолија на текстот, во чоколадниот подтекст кој ни ги дава слатките одговори. Последниот лет на птицата селица завршил, но „Последниот лет на птицата селица“ треба да доживее промоција во круговите на читателите со соодветно дополнение што би се однесувало на подтекстот, во кој е претставено потсвесното. На крајот на краиштата, потсвесното изразено на еден или на друг начин ја скокотка потсвеста кај секој од нас.


0 коментари:

Објави коментар

 

Вени, Види, Твит!

Кристал и Историја

Прашај ме!

Статистика